Loading...
Loading...

од Лудвик Куба
Лудвик Куба е чешки фолклорист, музиколог, сликар, писател и професор на Академијата за ликовни уметности во Прага. Роден е во 1863 година во Подебради (тогашна Австроунгарија). Уште од детство учи клавијатурно свирење, а подоцна се запишува на Академијата за фини уметности и учи во студиото на Макс Пирнер. Музичкото образование го продолжува во Париз и Минхен, а потоа се посветува на цртање и собирање народни песни.
Патувал низ словенските земји и ја проучувал музичката култура и народните обичаи, започнувајќи кај Лужичките Срби, а потоа продолжувајќи на Балканот. На патувањата создал голем број цртежи и слики, а во сликарството припаѓа на доцниот импресионизам, работејќи пејзажи и портрети. Собирал и дела од кинеското и јапонското сликарство, кои денес се чуваат во Музејот на азиските, африканските и американските култури во Прага. Добитник е на повеќе чешки и меѓународни награди и признанија, меѓу кои и титулата доктор на науки на Карловиот универзитет (1936), членство во ЈАЗУ во Загреб (1935) и редовно членство во Чешката академија (1937). Починал во 1956 година во Прага.
Неговата најголема страст било патувањето и собирањето и проучувањето на словенските народни песни и инструменти. Капиталното дело „Словенството во своите песни“ е во 16 тома (1884–1928) и содржи околу 4.000 песни. За Македонија особено е значаен XIII том „Македонски песни“ (1928), каде што ја претставил својата собирачка работа, а во анализите јасно укажал на ориенталните и западноевропските влијанија во македонската народна песна. Во Македонија престојувал двапати (1925 и 1927), оставајќи богат материјал од песни, нотни записи, цртежи и слики, како и патописната „Книга за Македонија“ (1932), во која посебно внимание им посветува на Скопје, Скопска Црна Гора, Охрид, Струга, Прилеп, Битола, Преспа, Галичник, Смилево и Трескавец.