
1909 - 1984
Харалампие Поленаковиќ бил еден од основоположниците на историјата на македонската книжевност.
Поленаковиќ бил шеф на Катедрата за историја по книжевностите на народите на СФРЈ и главен уредник на „Енциклопедија на Југославија“. Бил еден од првите осуммина професори на Филозофскиот факултет на универзитетот во Скопје по ослободувањето, а потоа и продекан и декан на факултетот.
Тој бил еден од основачите на Друштвото за македонски јазик и книжевност и главен уредник на списанието „Литературен збор“, еден од основачите на МАНУ, а во два мандата и потпретседател (1967 – 1975). Поленаковиќ е автор на голем број трудови од областа на македонската уметност и народна книжевност, како и од областа на литературите на другите словенски народи.
Научна преокупација му била македонската книжевност, југословенскиот фолклор, балканистиката, лингвистиката. Со свои прилози од спомнатите области учествувал во изданијата на сите југословенски академии, на повеќе странски и во голем број научни и книжевни списанија во земјата и во странство. Неговиот научен опус опфаќа повеќе од 1.000 библиографски единици.
Одликуван е со „Орден на трудот со црвено знаме“ и „Орден заслуги за народ со златна ѕвезда“. Добитник е на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје (1966), на Наградата „11 Октомври“ за животно дело (1974) и многу други награди, повелби и плакети.