Loading...
Loading...

Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници е брошура напишана по барање на Централниот комитет на МРО. Одлуката за нејзино создавање е донесена за време на Јануарската средба и притоа македонскиот нациналноослободителен деец Петар Попарсов бил задолжен да ја создаде.
Брошурата е печатена во Софија од страна на Иван Хаџи Николов. Бидејќи постоела опасност по животите на нејзините автори, П. Поп Арсов се потпишал со псевдонимот Вардарски, а како место на печатење е означена Виена. Брошурата била напишана на бугарски јазик, притоа таа не била наменета само македонците, туку и за македонската емиграција и бугарите во Бугарија. Оваа брошура имала задача да ја разобличи политиката на Бугарскиот премиер Стефан Стамболов и црковно-просветната пропаганда на Бугарската Егзархија во Македонија.
Брошурата своето име го добила по премиер Стефан Стамболов. Напишана е по барање на ЦК на ТМОРО. Бидејќи брошурата е создадена по нарачка на ЦК на Македонската револуционерна организација, а воедно нејзин автор е еден од основачите на сaмата спомената организација, од брошурата го дознаваме ставот на ТМОРО кој го зазел кон Бугарската пропаганда, а воедно се гледа и борбата која организацијата ја започнала против таквата дејност. Во Република Македонија меѓу првите анализи кон книгата дава Петар Стојанов во 1963.
Стамболов си беше помислил дека навистина тој е повикан од провидението за да ја игра улогата на бугарски Бизмарк... И само нема да му ракоплескаме, туку го осудуваме и со нас заедно треба да го осуди целиот бугарски народ, особено македонските Бугари, бидејќи и во овој свет бугарски идеал Стамболов примеси својот егоизам безумство... Тој тиранин, кој не остави ништо свето за Бугарина чисто, за задоволување на својата желба за власт посака да се послужи и со училишното дело во Македонија. Тој блудник, кој се поигра со честа, животот и имотот на своите сонародници во Кнежевството, посака да го направи истото и со нас Македонците, во сопствената наша татковина Македонија.
Македонците, кои не можеле да поднесат:
како се подигруваат со судбината на нивната татковина... јавно зборувале дека учебното дело во Македонија ... го туркаа(т) кон пропаст
Тие истакнувале дека треба да се работи:
така што општините лека - полека сами да ги подржуваат училиштата и да се дава предност на месната интелигенција, од чијашто средина да се избираат и учителите и директорите и архимандритите и владиците... дека училиштата со еден збор, како што се поставени сега, ги немаат предвид интересите на таа земја за која навидум постојат.
ние немаме училишен одел во Цариград, кој ќе се грижи за добриот развој на училишнотро дело во Македонија, (а имаме б.н) просто и чисто еден севернобугарски језуитски одред со позната задача... задача која во себе ја содржи уште и тенденцијата - да создаваат во Македонија Бугари!
граѓаните веќе започнуваат да си играат со бившиот министер, тешко е бај Сарафов, кога човек веднаш ќе падне морално пред очите на народот - нели?... и ве уверуваме дека така ќе продолжи да бива положбата на сите твои сотатковци, кои доаѓаат во Македонија, со претензија да создаваат Бугари, да ја култивираат земјата... уште потешка ќе стане положбата на вашето начелство, кое сака нека биде тоа, ако продолжите да ви дава слични инструкции, не ќе прокопса бугарската идеја, ако одите со тој ум. Зашто ние Македонците, баш ништо немаме, ништо не сме спечалиле, благодарение на слепата доверба кон своите божем браќа, па нема што да изгубиме.
Учителскиот кадар во Солунската егзархиска гимназија се делел на три групи:
привилигирани северњаци, благоразумни неблагодадежни и сепаратисти
(Првите б.н) како пионери на бугарската идеја... раководени во Солун од Сарафов... се господари во Солунската гимназија и слободни се секојдневно да фрлаат по некоја навреда... Ние ве храниме, храни куче да те лае.
Егзархијата дава пари и купава ветер зашто народноста со пари не се купува - тоа е такво деликатно нешто, кое штом сети дека го пазариш изветрува.
сомневајќи се во најново време во некаков сепаратизам, а првин - се гледа во нашата народност. (се стреми б.н) да го убие секое посамостојно движење во нас, да ја одземе секоја можност Македонците да се занимаваат со повозвишени општествени прашања, и на тој начин... да го стави народниот македонски дух во полна зависност од неа, да го огради како птица во кафез... да не окова во синџири за да не разигрува како мечка, и да не води таму, од каде добива голем бакшиш.
Македонската револуционерна организација преку брошурата ги повикува:
напомош сите чесни Македонци! Елате да ги спасиме општините... (бидејќи тие се б.н) единствен наш парламент, каде се закрепнувал и зачувал стариот демократски словенски дух на нашиот народ... единствена народна институција, која ја зачувале нашата националност и човечка физиономија во петстогодишниот период.
Веднаш по излегувањето на книгата, во Бугарија имало силни реакции кон истата. Меѓу првите кои јавно ја критикувале бил Димитар Матов, потоа книгата била анализирана во списанието „Бугарски преглед“ во 1895. Авторите биле обвинети за предавници на својата народност, изроди на општеството и дека се поткупени.
Петар Поп Арсов е еден од оние тивки, но столбни ликови врз кои се изгради македонската револуционерна мисла и борбата за слобода.
Роден во македонското село Богомила, Велешко, тој уште рано ја почувствувал тежината на неправдата и поробеноста. Како ученик бил избркан од Солунската егзархиска гимназија – чин што не го скршил, туку го зацврстил неговиот дух.
Патот го одвел во Белград, но љубовта кон Македонија, како и кај неговиот соборец Даме Груев, го вратила назад. Знаењето го надградил во Софија, каде дипломирал филологија, за да може со збор, мисла и перо да ѝ служи на татковината.
Во 1893 година, како професор во Солун, Петар Поп Арсов станал дел од историскиот миг – создавањето на Македонската револуционерна организација. Бил меѓу нејзините први водачи, член на првиот Централен комитет и човекот кому му беше доверено да го напише првиот Устав на Организацијата. Со тој чин ја вгради својата мисла во темелите на македонската борба за слобода и самостојност.
Цената за таа борба била висока. За време на Виничката афера бил уапсен и испратен во сурово петгодишно заточение во Подрум-Кале, Мала Азија. Но ни синџирите, ни далечината не ја скршиле неговата верба во Македонија. По Илинденското востание, и покрај тешките поделби, останал верен на идејата за народна, праведна и слободна татковина.
На Рилскиот конгрес во 1905 година бил избран за еден од тројцата задгранични претставници на ВМОРО – сведоштво за довербата и угледот што го уживал меѓу соборците. Во годините на Хуриетот живеел и работел во Скопје, продолжувајќи да служи со знаење, морал и пожртвуваност.
По Првата светска војна животот го одвел во Бугарија, каде скромно работел како прогимназиски професор во село Костенец, но никогаш не престанал да пишува и да се бори со перото за македонската вистина.
Петар Поп Арсов починал на 1 јануари 1941 година во Софија.
Замина тивко, далеку од родната земја, но неговото дело остана длабоко врежано во историјата. Тој е доказ дека слободата не се гради само со пушка, туку и со ум, чест и непоколеблива љубов кон Македонија.